Кај Требеништа откриен средновековeн град ,,Дебрец”

Oстатоци од средновековен град ,,Дебрец” се откриени кај селото Требеништа во Дебрца. Според научниците по нив се трагало повеќе од половина век, а годинава се пронајдени откако Археолошкиот локалитет „Требенишко кале“ беше истражуван со методот на рекогносцирање од страна на стручен тим од Филозофскиот факултет во Скопје, со финансиска поддршка на општина Дебрца.  

Истражувани се одбранбените ѕидови на древниот град, површините од ѕидовите, како и надвор од ѕидовите по околните падини.  По истражувањата се добиени резултати преку кои може да се согледа егзистенцијалниот континуитет на градот, неговата максимална површина во раната и доцната антика. 

Раководителот на истражувачкиот тим, професорот Виктор Лилчиќ е цврсто убеден, дека со овие истражувања на Требенишкото кале се насетува името на средновековниот град Дебрец.

„Сфативме дека Требенишкото кале претставувало град, очекувавме да откриеме рана антика, меѓутоа оваа година неочекувано откривме еден поголем временски континуитет на локалитетот, каде живеела една силна, јака, компактна човечка заедница. Со овие наоди, засега јас сум цврсто убеден дека го насетуваме името на средновековниот град, а тоа би бил градот Дебрец“ - изјави проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамсен.

Градоначалникот Ногачески очекува овој локалитет Дебрца да ја промовира во една високо рангирана природна културна и археолошка туристичка дестинација.

„Наша заложба е, со оглед на тоа што најзначајниот локалитет кој што го има Дебрца тоа е Требенишкото Кале и Требенишката Некропола да го преуредиме, да го преуредиме и задружниот дом во Требеништа и да претвориме во своевиден Дом на археолошкото наследство на општина Дебрца, на тоа не обврзуваат и „100-те години Требеништа“.“ – вели Зоран Ногачески, градоначалник Општина Дебрца.

Од Управата за заштита на културното наследство, велат дека ваквите значајни локалитети треба да го добијат вистинското место во регионот.

„Конкретно, приоритет ќе биде новиот нацрт-закон за заштита на културното наследство. Во тој закон веројатно ќе бидат видоизменети начините како ќе биде финансирањето. Инсистираме на подолготрајно финансирање, да не зависи од моменталните политички ситуации во државата туку тоа да биде трајно финансирање до неговото завршување или секојдневно менаџирање, да не се случува да биде оставено без никаков надзор и контрола. Тука се подразбира и поинакви принципи на однесување и во конзерваторските центри и на луѓето кои ќе треба да ги прифатат таквите принципи“ – изјави Ацо Костов од Управа за заштита на културното наследство .

Инаку локалитетот Требеништа е познат и по четирите златни маски, од кои две се изложени во Националниот институт и Музеј при Бугарската академија на науките во Софија, а две во Народниот музеј во Белград. Наодите датираат од шестиот век пред нашата ера.